Светски ден на интелектуалната сопственост

Почитувани пријатели на музиката,

Денес, 26ти април, е Светскиот ден на интелектуална сопственост. Ова е денот кога се нагласува и се потсетува како интелектуалната сопственост го поттикнала процутот на музиката и уметностите, но и на силниот развој на технолошките иновации кој го обликувал и секојдневно продолжува да го обликува светот онаков каков што го познаваме. Како организација за колективно управување со сродните права на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи, Македонската музичка индустрија (ММИ) се приклучува во прославата на овој ден кој претставува глобална прослава на креативноста за развојот на човештвото на целата планета.

Овој ден се одбележува како ден на кој пред 43 години стапи на сила Конвенцијата со која беше основана Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO), односно денот кога државите колективно кажаа ДА за заштита на овој вид на сопственост. Овој ден се обележува со цел да се промовира отворена дебата за улогата на интелектуалната сопственост во потткнувањето на иновациите и креативноста. Интелектуалната сопственост денес е широко признаена како Човеково право и истата е заштитена во меѓународното право. Таа е дел и од Европската конвенција за Човекови права и нејзиниот Протокол број 1, чија потписничка е и Македонија.

За тема на овогодишниот светски ден на интелектуална сопственост, Светската организација за интелектуална сопственост ја промовираше темата "Креативност – следната генерација". „Она што порано беше научна фантастика денес е реалност. Но што е следно? Прашајте ги новите генерации“ повикува оваа организација.

На овој ден потсетуваме на значењето на правата произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи како клучни алки во создавањето на музиката, но и повикуваме на потребата од поттикнување на свеста за значењето на нивната интелектуалната сопственост над делата кои ги создале.

Музиката е духовна и креативна творба, но музиката е и сопственост. ММИ повикува на почитување и заштита на правата на изведувачите и продуцентите како клучен дел од овозможувањето на климата за продолжување и поттикнување на нивната креативност и нивното творештво кое го облагородува и исполнува нашето секојдневие.

Да ја сочуваме музиката.

Со почит,

ММИ - Скопје