Предлог – правилник за надоместоците за користење на фонограми и изведби

Врз основа на членот 28 од Статутот на Организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи „ММИ” Скопје (во понатамошниот текст: ММИ/Организацијата), а во согласност со член 139 став 1 точка 3 од Законот за авторското право и сродните права (“Службен весник на РМ бр. 115/2010, 51/2011,147/2013), Управниот одбор на ММИ на својата седница одржана на ден 22.11.2013 г. го утврди следниот

ПРЕДЛОГ-ПРАВИЛНИК
ЗА НАДОМЕСТОЦИТЕ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ФОНОГРАМИ И ИЗВЕДБИ

Член 1

Со овој Правилник се уредуваат правилата и основите за утврдување на висината на надоместоците за јавно соопштување (во понатамошниот текст: користење)) фонограми со изведби издадени за комерцијална цел (во понатамошниот текст: фонограми) и изведби што самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка (во понатамошниот текст: изведби), како и надоместокот од изнајмување на фонограми и видеограми, за што ММИ има дозвола за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи согласно Решение за давање дозвола за колективно управување бр.54-5231/2 од 10.5.2012 година на Министерот за култура објавено во Слежбен весник на РМ бр.60 од 16.Мај,2012 година .

Висината на надоместоците за користење се утврдува со Тарифа за висината на надоместок за користење на фонограми со изведби издадени за комерцијални цели и изведби што самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка, како и надоместокот од изнајмување на фонограми и видеограми (во понатамошниот текст: Тарифа) која е составен дел на овој Правилник.

Корисникот е должен да плаќа надоместок во согласност со Тарифата доколку ММИ нема склучено Општ договор со здружение на посебната категорија корисници на која тој припаѓа, односно со комората на корисници што го претставува мнозинството корисници на таа категорија или поединечен договор со корисникот.

Надоместоците од став 1 на овој член ММИ ги наплатува во свое име, а за сметка на сите проозведувачи на фонограми и уметниците музички изведувачи (во понатамошниот текст: носители на права), независно дали истите се членови на Организацијата.

ММИ под исти услови колективно ги управува правата за кои има дозвола за колективно управување на територијата на РМ на домашните произведувачи на фонограми и уметници музички изведувачи, како и на странските носители на права, во согласност со Законот за авторското право и сродните права (во понатамошниот текст: ЗАПСП), Статутот на ММИ и мегународните конвенции и други релевантни договори склучени меѓу Р.Македонија и други земји , како и врз основа на реципрочни договори склучени помеѓу ММИ и други сродни странски организации.

ММИ нема да наплатува надоместок за користење на фонограми за хуманитарните приредби и манифестации, доколку организаторот достави известување за одржување на приредбата, односно манифестацијата, најмалку 3 дена пред одржувањето, и приложи докази пред ММИ дека прибраните средства се наменети и уплатени на сметката на правното или физичкото лице за кое хуманитарната приредба е наменета, во рок од 15 дена по одржувањето на манифестацијата.

Член 2

Надоместоците утврдени во член 1 став 1 од овој Правилник се плаќаат и во случај кога фонограмот кој е издаден за комерцијални цели и/или изведбите што самите по себе се радиодифузни или се направени од снимка, јавно се соопштува (јавно се пренесува, радиодифузно се емитува, радиодифузно се реемитува или кабелски се рееимитува) или на друг начин биде ставен на располагање на јавноста и без дозвола на произведувачот на фонограм или изведувачот.

Надоместокот не се плаќа за користење на фонограми:

1) во настава или при образовни и научни истражувања до степен оправдан со некомерцијалната цел што треба да се постигне, ако нема никаков вид на наплата

2) на училишни свечености – ако влезот е бесплатен

3) при известување за тековни настани со кратки делови од изведби,

4) за потребите на лица со посебни потреби на начин кој непосредно е поврзан со посебната потреба, до степен што таа го бара и без комерцијална цел,

5) за време на верски обреди или други службени одбележувања организирани од органите на државната власт и единиците на локалната самоуправа, во рамките на официјалниот протоколарен дел, одржани во седиштето или службените простории на организаторот,

6) за умножување на носач на тон и слика, јавно соопштување на изведбата од тој носач , како и јавно соопштување на изведбата што се емитува во продавници, на саеми и други места каде што се демонстрираат и продаваат фонограми и/или апарати за снимање, умножување и пренесување на тон и слика, во мера што е неопходна за демонстрирање на фонограмите и работата на апаратите. Снимките создадени по оваа основа веднаш треба да се избришат.

Член 3

За фонограм, согласно Законот за авторското право и сродните права и овој Правилник, се смета снимка на звуци од изведба, или други звуци или звучни појави, освен во форма на снимка вградена во аудиовизелно дело. Правата над фонограмот на кој било начин не се ограничени со врградувањето на фонограмот во видеограм.

Како фонограм издаден за комерцијална цел се смета фонограм ставен на располагање на јавноста.

Снимка, во смисла на ЗАПСП и овој Правилник е отелотворување (запис на носач на тон) на звуци или звучни појави, од што тие може да бидат восприемани, умножени или соопштени со помош на технички средства за механичка и дигитална репродукција како: грамофон, ЦД, музички автомат, магнетофон, касетофон, радиоапарат, телевизор, виедоапарат или било кое постоечко или идно средство за репродукција на звук и/или слика).

Член 4

Изведба во живо со музичка придружба (делумно или во целост) од фонограми (плејбек), или која било друг вид на придружба со фонограми се смета за користење на фонограми.

Член 5

Надоместокот за користење на фонограми во одредени тарифни категории се утврдува во бодови, а вредноста на бодот се искажува во денари.

Вредноста на бодот се утврдува со Тарифата .

Вредноста на бодот се усогласува еднаш годишно со одлука на Управниот одбор во согласност со зголемувањето на индексот на трошоците на мало објавен од Заводот за статистика.

Одлуката на Управниот одбор за усогласување на вредноста на бодот се објавува на веб страната на ММИ, во Службен весник на РМ и најмалку во еден дневен весник и влегува во сила со денот на објавувањето во Сл.весник на РМ, а се применува за годината во која е извршено усогласувањето.

Член 6

Надоместоците за користење се определуваат по следните основи:

1) кога користењето на фонограмите и изведбите е нужно за вршење на дејноста на корисникот, односно приходот во дејноста зависи од нивно користење, како во случај на, концертните, интерпретаторските, танчерските и други видови користење, без разлика на намената и просторот во кој се користат, како и ставање на располагање на јавноста на барање и слично, висината на надоместокот за користење се определува во процент од приходот кој што корисникот го остварува со користењето на фонограмот, односно изведбата. Кога за овој вид користењето не е можно надоместокот да се определи во процент од приходот, тогаш висината на надоместокот се определува во номинален износ кој соодветствува на придонесот од користењето во вршењето на дејноста;

2) кога користењето на фонограмите,односно изведбите се врши од страна на радио-телевизиска организација (радиодифузер), надоместокот се определува во процент од приходот на радиодифузерот кој ги опфаќа средствата од радиодифузната такса и/или претплата, рекламите, спонзорствата, донациите и приходите од промет на програми. Како приход нема да се сметаат средствата приходувани по основ на данок на додадена вредност, средствата од кредити и камати на кредити;

3) Кога користењето на фонограмите, односно изведбите, се врши од страна на радио-телевизиските организации (радиодифузерите) кои со закон се обврзани да емитуваат вокално и/или вокално-инструментални музички дела на македонски јазик или на јазиците на етничките заедници кои не се мнозинство во Република Македонија, во законски определени периоди и траење, за користењето на фонограмите, односно изведбите, во овие случаи, надоместокот се пресметува во износ за десет пати намален од износот што е определен за радиодифузно емитување на фонограми, односно изведби согласно со основот утврден во претходната точка на овој член;

4) Кога користењето на фонограмите односно изведбите се врши од страна на кабелските оператори, надоместокот за користење се определува по бројот на претплатници на операторот до кои е овозможена услугата за реемитување на радио и телевизиските програми;

5) Кога со користењето на фонограми, односно изведби не се остварува приход (приредби, манифестации и слично) висината на надоместокот се определува во процент од трошоци потребни за користењето,како што се надоместоците на музичките изведувачи, трошоците за користење на просторот при користењето и други неопходни трошоци направени за одржување на манифестацијата во која се користени фонограмите, односно изведбите.

6) Кога користењето на фонограмите, односно изведбите не е нужно за вршењето на дејноста на корисникот, меѓутоа придонесува кон зголемување на пријатноста на крајните корисници на нивните услуги, како во случај на: сместувачки капацитети, хотели, изложбени простори, угостителски објекти, превозни средства и другите слични објекти и дејности, висината на надоместокот се определува во паушални износи и тоа како за постојните, така и за повремените користења.

При определувањето на надоместоците во случаевите под точка 1, 2, 5 и 6 на претходниот став на овој член се определува и најнискиот номинален (апсоулутен) износ на надоместокот, кој се применува доколку висината на надоместокот утврдена по принципот од точките 1,2 и 5 и 6 на овој член е пониска од минимално утврдениот номинален (апсолутен) износ.

За корисник во смисла на ставот 1 на овој член се смета физичко или правно лице кое при обавувањето на своето занимање или вршењето на дејноста користи фонограми, односно изведби. Доколку повеќе корисници заеднички користат фонограми, односно изведби, должни се обврските кон ММИ да ги исполнуваат солидарно, доколку претходно со меѓусебен договор не се договориле поинаку.

Член 7

При определувањето на висината на надоместоците се земаат во предвид:

1) видот на правата што се користат и обемот на нивното користење,

2) бројноста на потенцијалните корисници,

3) категоријата и големината на просторот,

4) времетраењето и бројот на користењата,

5) разликата на цените на работењето на корисникот поради користењето на фонограмите, односно изведбите,

6) структурата и природата на програмата (форматот на радиодифузниот сервис) согласно со издадената дозвола за вршење на радиодифузната дејност (кај радиодифузното емитување),

7) религиозните, културните, општествените и социјалните интереси на корисниците и

8) интересите на младите и лицата со посебни потреби.

Член 8

Корисникот од членот 6 став 1 точка 1 и 5 е должен најдоцна 15 дена пред денот на користењето на фонограми да ја извести ММИ и да побара дозвола за користење, а во нареден рок, не подолг од 15 дена од денот на користењето, да и достави на ММИ целосни податоци за користените фонограми, односно иведби, за местото и времето на користењето и да изврши исплата на надоместоците за користењето.

Корисниците кои обавуваат дејност во која се користат фонограми (корисниците од член 6 став 1 точките 2,4 и 6) се должни на ММИ да и доставуваат релевантни документи и податоци во врска користењето и пресметувањето на надоместокот, како и да и овозможуваат контрола на користењето и увид во релевантна документација, како и увид на лице место во просторот во кој се обавува дејноста во врска утврдување на податоците релевантни за пресметување на висината на надоместокот.

Корисниците од член 6 став 1 точка 2 (радиодифузерите)се должни на ММИ да и доставуваат биланс на успех за претходната година, најдоцна до 30 Март,во тековната година. Покрај билансот на успех,радиодифузерот е должен да достави и друга релеванта финасиска документација од која може веродостојно да се утврди основицата врз основа на која се пресметува надоместокот.

ММИ има право да наплатува надомест и тогаш кога корисникот нема да го пријави користењето согласно став 1 на овој член, како и кога корисникот нема да достави податоци или истите ги достави ненавремено или достави неточни податоци.

Во случај кога корисникот нема да достави соодветни податоци и документи потребни за утврдување на висината на надоместокот или доставените податоците,односно документи не се доволни или соодветни, ММИ може од корисникот да побара, во одреден рок да ги дополни податоците или да достави дополнителни докази за податоците врз основа на кои ќе се утврди висината на надоместокот, односно да и се дозволи увид во соодветна документација и/или на лице место во просторот во кој се обавува дејноста во која се користат фонограми, со цел утврдување на релевентаните податоци потребни за утврдување на надоместокот предвиден во Тарифата.

Ако корисникот во оставениот рок не ги дополни податоците или не достави дополнителни веродостојни докази, или не овозможи увид во соодветна документацијата, односно не дозволи на ММИ увид во документацијата или на лице место во просторот во кој се обавува дејноста, ММИ може да се обиде сама да дојде до податоците врз основа на кои може да се утврди висината на надоместокот согласно со тарифата. Во случај да не можат да се најдат таквите податоци или податоците кои ги доставил корисникот се нереални или отстапуваат од податоците карактеристични за користењата на фонограмите на таа категорија корисници, ММИ може по сопствена оценка да ја утврди висината на надоместокот, така што ќе ги употреби просечните податоци за конкретната категорија на корисници.

Корисникот на кој ММИ му ја утврдила висината на надоместокот во согласност со претходниот став на овој член, има право да ја оспори така утврдената висина на надоместокот,без право на одложување на плаќањето на истиот.

Лицата кои настапуваат во име на ММИ во врска контрола на користењето на фонограми и изведби и прибавување на податоци за утврдување на висината на надоместокот се легитимираат. со соодветна легитимација издадена од ММИ.

Член 9

Заради електронско евидентирање, обработка на податоци, следење и контрола над емитуваните фонограми, односно изведби, ММИ обезбедува и инсталира кај радио-телевизиските организации (радиодифузерите) систем за електронско евидентирање на емитуваните фонограми, односно изведби, во облик, содржина и технички карактеристики пропишани од Министерството за култура и за кој е добиена дозвола за употреба од Министерот за култура согласно ЗАПСП.

Корисниците од категоријата на радио-телевизиски организации (радиодифузерите) се должни да и овозможат на ММИ инсталирање на системот од ставот 1 на овој член и да обезбедат сопствен компатибилен систем со кој се овозможува приклучување на системот од ставот 1 на овој член.

Член 10

На Корисник кој навремено и во целост доставил/доставувал податоци неопходни за утврдување на висината на надоместокот и го платил навремено и во целост надоместокот за измината година, има право на попуст во висина до 3% од вредноста на износот кој би требало да го плати согласно склучениот договор или важечката тарифа во наредната година.

Во случај кога корисникот ќе престане да ја исполнува редовно обврската за која му е одобрен попустот во период кој следи по одобрувањето на истиот, ММИ има право да го укине одобрениот попуст, при што ќе го извести корисникот и ќе го задолжи за плаќање на разликата во висина на одобрениот попуст за соодветниот период.

Член 11

Доколку на една приредба или кај еден корисник се користат повеќе апарати за изведба на механичка музика, надоместокот се плаќа за секој апарат посебно.

Корисникот плаќа надоместок без оглед на тоа кој е сопственик на апаратот или инструментот.

Член 12

Овој Правилник влегува во сила во сила со денот на објавувањето во Службен весник на РМ.

во Скопје,

22.11.2013 год.

УПРАВЕН ОДБОР

Претседател

Дориан Јовановиќ