РЕШЕНИЕ за одземањето на лиценцата на ММИ кое влегува во сила од 01.01.2016 година

Почитувани колеги,

Министерството за култура на Република Македонија нѝ испрати “новогодишна честитка” во прилог РЕШЕНИЕ за одземањето на лиценцата на ММИ кое влегува во сила од 01.01.2016 година. Со овој чин ММИ како здружение кое конечно застана на нозе, ќе мора да прекине со работа.

Причината поради која е донесена таквата одлука сигурно Ви е позната од објавите на Министерот за култура во медиумите и тоа посебно изјавата дека организацијата во 2014 година имa потрошено 81,5 % од прибраните парични средства, повеќе од законски дозволениот лимит од 15%, притоа не наведувајќи колкав е тој износ и за што се потрошени тие средства. Ако нагласиме дека тие средства се потрошени за основни работи за функционирањето на организацијата и тоа за кирии, компјутери, режиски трошоци, плати на 4 вработени, трошоци за правна служба и дополнителни трошоци за систем за електронска евиденција, кој е неразумно и неодговорно наметнат од страна на законодавецот. И покрај тоа ММИ сепак ја изврши распределбата на прибраните средства за 2013 и 2014 година кон сите носители на права (Произведувачи на фонограми и музички изведувачи) кои се регистрирале и кои ги имаа пријавено своите снимки во базата на ММИ заклучно со 31.12.2014 година.

Поголемиот дел од средствата кои не можеа да се распределат поради немањето доволно податоци за носителите на правата или поради непријавени и неажурирани пријави на фонограми и снимени изведби, а кои што ММИ според ЗАПСП треба да ги чува во период од 3 години, ММИ со одлука на Собранието на ММИ ги позајми споменатите трошоци за тековно работење. Позајмувањето подразбира обврска тие средства да се вратат на носителите на правата, а тоа се гледа и во извештаите за работењето и ревизорскиот извештај кој е јавен документ достапен за секој граѓанин на Р.М., и кој се наоѓа на веб страната на ММИ објавен на 30.06.2015 (www.mmi.mk). Таму ќе можете да забележите дека ММИ има побарувања од корисниците од околу 56.000.000,00 (педесетишестмилиони денари), кои што средства не се земени во предвид при анализата на работењето на ММИ од страна на Министерството и особено не од Министерката за култура при составувањето на бомбастичните изјави за медиумите. Имено ако Министерката за култура на медиумите во континуитет не даваше изјави од типот: „…дека ММИ не смее да фактурира никому, а посебно не на ТВ станиците…“ (ТВ Канал 5 од 12.08.2013) стручната служба ќе имаше можност да ги наплати гореспоменатите побарувања и тогаш трошоците за работењето на организацијата би биле околу 6,75% од вкупно прибраните средства и ќе беа задоволени и дури презадоволени законските ограничувања од 15%. Иако, дури и во такви неповолни услови на работење, ММИ во извештаите на ИФПИ (www.ifpi.org) има позитивни оценки, бидејќи износот на трошоците секоја година се намалува, и така да ако во 2014 беа 81,5% сега во 2015 тој изнесува 67% (без оние милиони од пред малку).

Почитувани, Ве известуваме дека во изминатата 2015 година ММИ има обезбедено средства за распределба и доволно обработени списоци (плејлисти) на изведувани фонограми/снимени изведби за 2015, така што сите оние кои до 31.12.2015 се имаат регистрирано и ги пријавиле своите фонограми/снимени изведби ќе го добијат својот дел од колачот за 2013, 2014 и 2015 година.

ММИ повторно ќе конкурира за добивање на нова лиценца (нормално со изгубени во неповрат неколку месеци или можеби цела година, а да не зборуваме за годините од 1998 до 2012 кога сите влади се тегавеа да ги решат сродните права во РМ).

Да се надеваме дека наскоро нема да имаме потреба повторно да ги пријавуваме своите снимки во некое си ново здружение и како трпеливи македончиња сѐ да работиме од почеток, или како што се вели во нашиот народ „од готово – вересија“.

Срдечен поздрав,

Претседател на Собранието на ММИ

Марко Коловски

Претседател на Управниот одбор

Дориан Јовановиќ

Извршен директор

Бодан Арсовски