Главниот град на земјава, Скопје, неодамна беше домаќин на еднодневна работилница, посветена на правата на изведувачите и нивното колективно менаџирање, а наменета, пред се, за Здруженијата на музички изведувачи од регионот на поранешна Југославија.
Во организацијана SCAPR (The Societies’ Council for the Collective Management of Performers’ Rights), претставниците на Здруженијата од регионот, покрај Македонија, на работилницата учествуваа и Здруженијата на музички изведувачи од Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина, дискутираа за состојбата со правата на изведувачите во секоја земја поединечно, а акцентот беше ставен на актуелната состојба во Македонија и заглавувањето на процесот за обновувањето на лиценцата од страна на Министерството за култура, кое и покрај тоа што ММИ ги исполнува сите услови, се уште и ја нема вратено лиценцата, што секако, е на штета на сите носители на права.
Во својата презентација, извршниот директор на ММИ-Скопје, г-дин Бодан Арсовски, ја претстави актуелната состојба со членството, бројот на пријавени домашни и странски фонограми, билатерални договори, начин на обработка на плејлистите, вршење на распределби итн., како и историјатот на Здружението од своите почетоци па до денеска, со посебен осврт на маратонскиот процес за продолжување на лиценцата за работа и комуникацијата со Министерството за култура на РМ.
Меѓу другото, во хотелот „Солун“ каде што се одржа работилницата, се разговараше и за состојбата со законодавството во регионот, за подобрување на легислативата, изготвување на тарифи, билатерални договори и беа дадени насоки за директивите на Европската Унија и нивно имплементирање во Законот за авторско и сродни права.
Коорганизатори на работилницата на SCAPR беа членките од Словенија (AIPA) и Србија (PI), а со истата претседаваа г-дин Грегор Штиберник (AIPA) и г-дин Александар Цветковиќ (PI).