ФОТО: Маја Аргакијева
„Ми се води љубов“, „Месечина“, „Мачка во вреќа“, „Несоница“, „Чекор“ и „Ти верувам“ се шест нови песни, создадени од „Фолтин“, кои своето место го најдоа на нивниот нов албум „Момома“, а патот до публиката – допрва ќе го трасираат.
Во присуство на многубројни пријатели и почитувачи на музиката на „Фолтин“, како и претставници на седмата сила, Бранислав Николов – вокал, Пеце Трајковски-Брада – гитара и сајзер, Гоце Јовановски – бас, Славчо Јовев – тапани и Пеце Николовски – кларинет и усна хармоника, во кафе барот „Цреша“ го претставија своето музичко новороденче, кое писателот Дејан Трајкоски го опиша како најзрел албум на „Фолтин“.
„Момома“ е музички клуч под дипле. Со кој влегувате којзнае каде. Благо џезиран. Бескрајно љубовен. И, замислете, пријатно поинаков од сѐ претходно, а препознатливо Фолтиновски. „Момома“ е како Шпато да седнал со „Бич Бојс“, па отсвириле пет-шест ствари. Онака, како од шега, ама пресериозно. И тоа од таа нивна чудесна „Pet sounds“ фаза. Кога правиш нешто сосема поинакво од очекуваното и ги збунуваш сите до радост.„Момома“ е и „Скопје фест“, оној од седумдесеттите, од Оџаклиевска, Хаџиманов, Спирова, Панчетовиќ, Биг-бендот… – но со „Фолтин“, место сите нив заедно, вели Трајкоски, кој текстовите на албимот ги карактеризира како „безмилосно нежни и силни“.
„Не може, а да не водиш љубов со „Фолтин“! Едноставно, страста во нивната музика прави силна рефлексија во животот, подобро кажано, во мигот на водење љубов, во мигот на занесот, во моментите на голотија, на топење на две тела легнати, испружени на кревет во нивниот залуден „креветизам“. Што може да се каже за новиот албум на „Фолтин“, а да не е кажано во нивната музика? Ништо, зашто и за љубовта, за страста, за смртта, за гревот, за среќата, за радоста, за тагата, за сонувањето, за просветлувањето, за сите човечки емоции, подвизи, успеси, падови, за новите и старите љубови, тие зборуваат! Најдобро е да се препуштиме на сопствените емоции и повторно да се нурнеме во светот на „Фолтин“ полн со инспиративни звучни патеки, во секоја смисла на зборот“, ќе каже Тина Иванова, музиколог, во својот осврт кон „Момома“.
Покрај членовите на „Фолтин“, на албумот гостуваат и Петар Димитровски – клавијатури, Владан Дробицки – тромбон и Васко Бојаџиски – саксофон. Снимен е во студио „Алшар“, а издавач е „HMA“.
ММИ во наредниот период ќе продолжи да „покрива“ вакви и слични настани на кои нашите членови – музички изведувачи и произведувачи на фонограми ќе го промовираат својот нов музички материјал (а потоа, се разбира, и ќе го пријават во ММИ).
Добредојдени се сите наши членови да не контактираат и информираат за нивните претстојни активности, а своето инфо и прес материјал може да го испратат на info@mmi.mk или на ФБ профилот на ММИ.